Предлози За Книги

Anna Dressed In Blood - Kendare Blake
Тесеус Касио Ловуд е седумнаесетгодишно момче, син на татко - познат ловец и убиец на духови и мајка - вештерка. 
Главното оружје за убивање на духови е ножот „Атхаме“, кој после смртта на татко му го добива Кас и сфаќа дека сега тој ги поседува истите моќи и одлучува да ја продолжи традицијата. Знаејќи дека неговиот татко е убиен од некој многу силен дух, Тес и мајка му одлучуваат да не се задржуваат на едно место подолго време. Затоа патуваат и се селат од една во друга држава или град.
Но, каде и да одат, тие се соочуваат со нови опасни духови кои напаѓаат невини луѓе, па мораат да помагаат: да ги пронајдат злите духови, да направат стратегија за да ги уловат и конечно - да ги убијат. Мајката прави разни напивки од билки и е од голема помош со магиите кои ги познава, но духовите може да ги убие само Кас и никој друг - дури и да го има ножот, затоа што ножот ја има својата моќ единствено во неговите раце.
Како еден од ретките убијци на духови, Кас е познат надалеку. Затоа постојано добива писма од разни луѓе кои го упатуваат каде може да најде одреден дух и да го убие. Така, еден ден тој добива писмо од извесен Руди Бристол дека постои многу чуден и силен дух во Тандер Беј: Ана Корлов - Тинејџерка брутално убиена пред 50 години под неразјаснети околности и непознат сторител. Таа е облечена во бел фустан испрскан со крв која капе низ нејзините нозе. Девојка-дух опседната со клетва и бес. 
Токму ова е случајот кој на Тесеус Касио Ловуд-Тес ќе му го промени животот од корен. Тотално ќе се посвети на Ана Корлов и од ден во ден сè повеќе и повеќе ќе мисли на неа и нејзината мистериозна смрт. Но, во приказната нема да се вмеша само тој. Со него се и неговите нови пријатели од училиште кои ќе го одведат во старата куќа на Ана и ќе се соочат со градските легенди дека во таа куќа се случува нешто многу чудно... 
Колку Кас ќе се посвети на случајот со Ана? Ќе дознаат ли тој и неговите пријатели зошто и како таа била убиена? Дали ќе ја ослободи од клетвата и ќе ја совлада ли пред самата таа да го убие него? Можеби ќе се случи уште нешто... Зашто Ана го поседува животот на Кас, а пак тој открива некои нови чувства спрема неа. Можеби позади урбаните легенди за лошиот дух се крие само една обична девојка...

---------- КОМЕНТАРИ ЗА КНИГАТА ОД ПОЗНАТИ ПИСАТЕЛИ ----------

Величенствено оригинален, чудесно возбудлив и неверојатно забавен, овој роман може да блесне рамо до рамо со најдобрите хорор-романи. Бараме продолжение! - Kirkus Reviews

„Ана во крвавиот фустан“  е мрачна и заплеткана приказна за јунакот кој што убива мртви, но се заљубува во самата Смрт. До крајот на книгата ќе се заљубите и вие. Прекрасна романтична приказна! - Cassandra Clare

Ова е класична приказна за момче кое што запознава девојка, само што ова момче е автодеструктивен ловец на духови кој што сака освета за својот татко, а девојката е дух-убиец заробен во куќа со сите оние кои со години ги убивала. Нема потреба од дополнителни зборови, Кас и Ана се мојот најдраг пар. Кога дојдов до последната страница, веднаш се вратив назад на почеток. - Holly Black

---------- МОЈ КОМЕНТАР ----------
Ова, ми се чини, е мојот прв прочитан хорор-роман. Ќе кажам дека откако ја прочитав книгава, немав чувство дека сум прочитала нешто посебно добро. Не ми остави некој длабок впечаток, но сепак успеа да направи да размислувам за тоа како завршуваат главните јунаци во книгата, а како би сакала да завршам јас. „Ана во крвавиот фустан“ е нешто ново за мене, нешто што ме освои од првата страница и ме внесе во еден поинаков читателски свет, надвор од она што досега знаев да го читам. На крајот на краиштата, приказната е интересна и цело време си мислев дека ова наскоро би можело да заврши како серија или филм. Ме потсети дури и на „Twilight“ во некои делови на почетокот...


No comments:

Post a Comment